Со упокоена литургија и полагање цвеќе на
горобот на Гоце Делчев, денеска во црквата „Свети Спас“ во Скопје беше
одбележана 133-годишнината од раѓањето на македонскиот великан.
Покрај државната делегација предводена од
потпретседателот на Собранието Слободан Најдовски, цвеќе положија и
делегации на АРМ, на Град Скопје и на општина Центар, и претставници на
политичките партии и на градовите каде што се одржува манифестацијата „Гоцеви
Денови“.
Пред гробот на Делчев се поклонија и
претставници на Македонците од соседните земји и дијаспората, на
Матицата на иселениците, Комисијата за верски прашања, МАНУ,
Националниот институт за историја и на многу други институции,
здруженија и почитувачи на неговото дело.
„Носејќи ја длабоко со децении универзалната
Гоцева порака за мир, разбирање, единство и благосостојба меѓу сите
народи искажана преку пораката „Јас го разбирам светот како поле за
културно нтпреварување меѓу народите“ и сите оставени свети пораки и
аманети го повикуваат нашиот народ со најголем пиетет на неговиот
роденден да се поклонат и да му оддадат достојна почит, онака како што
му рилега на нашиот народ. Еве не и ние овде присутните се поклонуваме
молитвено пред ликот и големото револуционерно дело на еден од
најголемите синови на Македонија - сонцето и апостолот на македонскиот
народ“, рече во својата беседа митрополитот Кумановско-полошки, господин
Кирил.
„На македонското ослободително дело Гоце Делчев
можеше да му посвети само една деценија од својот краток живот, но и таа
деценија беше доволна тој да биде и остане срце и душа на
револуционерното движење во Македонија - олицетворение на искрената и со
ништо не извалкана автентичност на тоа движење. Неговата визија за
независна Македонија го направи нераскинлив дел од нејзината историја“,
рече претседателот на Сојузот на историчарите на Македонија Драги
Георгиев во поздравна реч за Гоце Делчев.
Покрај на гробот во црквата „Свети Спас“
роденденот на Гоце Делчев беше одбележан со полагање свежо цвеќе и на
неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје.