ГЕНЕРАЛ ТОДОР АТАНАСОВСКИ ЈА ОДБИ ДИПЛОМАТА ЗА ДЕЦЕНИСКИ ЗАСЛУГИ ПОРАДИ РЕФЕРЕНЦАТА "ФИРОМ"

Скопје, 19 декември (МИА) - "Одбивам да го примам ова високо признание се додека Меѓународната воздухопловна федерација (ФАИ) не и се извини на Воздухопловната федерација на Македонија, поради тоа што нашата држава ја именува, а и македонската воздухопловна организација ја ословува со ФИРОМ", рече генерал Тодор Атанасовски, поранешен претседател на Воздухопловната федерација на Македонија и нејзин почесен член.
На денешната свечена седница на Претседателството на Македонската воздухопловна федерација, на Атанасовски требаше да му биде врачено високото меѓународно признание на Меѓународната воздухопловна организација, дипломата ПОЛ ТИСАНДИЕР, за неговите децениски заслуги за развојот на македонското воздухопловство.
Тој истакна дека ќе го прими ова високо признание откако ФАИ ќе и се извини на Македонската воздухопловна организација што на нејзината држава и се обраќа со придавката "поранешна".
"Нашата организација, исто како и меѓународната, се невладини, недржавни организации и нивната комуникација има повисоко, повредно и поцивилизациско ниво и во тој дух таква комуникација со нас очекуваме и од Меѓународната воздухопловна организација", оцени Претседателството на Воздухопловната организација на Македонија во писмото што денеска, по повод гестот на генерал Тодор Атанасовски, го упати до ФАИ.
 

Prevzemeno od  Web stranata na Agencijata za isselenistvo