МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ ВО АНАДОЛИЈА
Одлично зборуваат македонски, иако не
знаат каде е Македонија
Во Кападокија живее третата генерација
од некогашните жители на Костурско, Леринско, Солунско и Воденско,
кои беспрекорно го сочувале дијалектот на своите предци
Ќе ве плисне безмерен восхит кога во Анадолија, во срцето на
Турција, ќе слушнете македонски збор, и тоа онака како што го
изговараат Македонците од егејскиот дел на Македонија.
Изненадувањето е уште поголемо кога тие луѓе со широко отворени
очи ќе ве наречат "свој" само затоа што го разбираат вашиот
говор. Тогаш сте дел од кругот на "нашите" во Кападокија.
Во регионот на Кападокија, во централна Турција, има неколку
илјади луѓе што единствената рамка на припадност ја бараат во
јазикот, без оглед на националноста. За нив сегашните граници на
Балканот немаат особено значење, бидејќи сликата за родниот крај
им се "замрзнала" во некое друго време.
Нивното време ги враќа во далечните 20-ти години на минатиот век,
кога цели села со Македонци-муслимани од Егејска Македонија биле
преселувани во Турција, според Лозанскиот договор за размена на
население. Сега во Кападокија живее третата генерација на
некогашните жители на Костурско, Леринско, Солунско и Воденско,
кои иако не знаат да ја најдат Македонија на географската карта,
знаат македонски, и тоа на дијалектот на кој зборувале нивните
предци.
Сите, без исклучок, ја знаат приказната за напуштањето на
татковината, или, како што велат, "мемлекетот", и секогаш ја
почнуваат со зборовите "Кога дојдовме тука...". Ги повторуваат
маките на своите родители и дедовци, кои долго по доаѓањето во
Турција биле непожелни "каури".
"Дојдовме во куќите што ги оставиле Грците. Не беа убави како
нашите, но моравме да седиме во нив. Турците не не сакаа, оти
збор турски не знаевме. Јазикот го научивме по десетина години,
а со тукашните Турци почнавме да се мешаме дури 20 години по
преселбата", раскажуваат постарите жители.
На прашањето како научиле да зборуваат македонски, па дури и
малите деца, одговараат: "Па дома зборуваме по нашки".
Ретко кој од нив го посетил родниот крај, но сите знаат дека
таму било убаво, имале големи куќи, ниви, лозја, стока. Селата
биле опколени со ормани, со многу лешници, костени, дренки. "Емиш
колку што сакаш".
- Дојдовме во Кападокија и ни дадоа куќи, а за нивите влечевме
жрепка - на кој што ќе му се падне. Ни даваа дуќани, ама не ги
зедовме, не ни требаа. Баравме ниви и бавчи, како што бевме
научени дома - велат тие.
Денес повеќето од нив се задоволни од животот и од она што го
имаат, но се уште прават разлика меѓу нив и другите жители.
Себеси се нарекуваат "маџири", а локалните Турци-староседелци ги
именуваат како "ерлицки". Знаат одвреме-навреме да се соберат и
да ги прераскажуваат приказните за преселбата, да ги повторат
научените "лекции".
Дали во татковината виното се прави на истиот стар начин и дали
ракијата се пече во казани како пред осумдесетина години,
прашуваат.
Некои се обидуваат да научат да пишуваат кирилица, бидејќи малку
им е само да зборуваат македонски. Други ги посетиле старите
домови и се вратиле разочарани зашто се што потсетувало на
нивното време било уништено, па дури и гробиштата. Други не
успеале да заминат, но велат дека ќе го следат примерот на еден
нивен соселанец, кој побарал да му донесат грст земја од родниот
крај.
"Ја чуваше во торбиче и секој ден ја бацуваше. Кога умре, на
гробот прво му ја истуривме таа земја. Така засекогаш остана во
татковината".
Ж.П.Б.
Prevzemeno od Dnevnik