Денеска на градските гробишта во Тетово е погребан 18-годишниот Ванчо Јосифовски, кој беше убиен во саботата при нападот врз група момчиња Македонци на кошаркарско игралиште во градот. Колоната тетовчани тргна од домот на Јосифовски, „Благоја Тоска“ број 2, веднаш до игралиштето каде што Ванчо беше погоден. Поворката ја предводеа сите средношколци Македонци од Тетово, кои денеска не беа на настава. Со Ванчо се поздравија голем број роднини, пријатели и тетовчани кои минаа по централните градски улици и од црквата „Свети Кирил и Методиј“ се упатија кон православните гробишта. Според полициски информации, сторителите се познати и по нив се трага, но се уште не се соопштуваат податоци за нивниот идентитет. До јавното обвинителство се уште не се пристигнати информациите од увидната група и од обдукцијата на Јосифовски и затоа се до овој момент не е покрената истрага против непознат сторител. Според полицијата, не е исклучена можноста напаѓачите да се во роднинска врска со загинатиот Медин Адили. Овој инцидент се случил откако возилото во кое бил Адили не запрело и од каде било пукано врз полицискиот пукнт. МВР со став дека ситуацијата во Тетово е далеку од стабилна и дека треба многу да се работи за враќање на довербата. Тројцата први луѓе, полицискиот генерал Зоран Јовановски, на ДБК Никола Спасовски и на Бирото за јавна безбедност, Горан Митевски, на денешната средба го информирале претседателот Трајковски за тоа дека полицијата до сега во кризните региони не ги пречекорила службените овластувања. Според нив, за тоа сведочел и фактот дека од никого, па ни од меѓународните организаци не стигнале поплаки до МВР или до шефот на државата.
|