05.01.2003
„Денешното чествување на празникот Свети Наум Охридски Чудотворец е доказ дека полека, но сигурно се враќа животот на Попова Шапка“, изјави министерот за одбрана Владо Бучковски, кој по покана на Полошко - кумановската еперхија денеска присуствуваше на црковно-народниот собир што се одржа во овој зимско-рекреативен центар. Бучковски, како кум на прославата по повод празникот Свети Наум Охридски Чудотворец во манастирскиот комплекс што го носи името на овој светец, рече дека е задоволен поради тоа што и Македонската православна црква, покрај напорите на Владата и невладините организиции, дава свој придонес за нормализирање на живеењето на Попова Шапка. „Мораме да веруваме дека на Попова Шапка ќе се врати животот. Пред се младите, преку акцијата „Ајде да се дружиме“ на Агенцијата за млади и спорт ќе ги поттикнат сите скептици да дојдат на Попова Шапка“, рече министерот Бучковски. Тој информира дека во тек се разговори со ЕСМ за создавање услови за работа на ски-лифтот кај хотелот Тетекс, што ќе биде предизвик за многубројните рекреативци да се вратат на Попова Шапка. Во врска со актуелната безбедносна состојба, Бучковски истакна дека на средбата и разговорите со старешините и војниците на АРМ на Попова Шапка е потврдено дека на тој дел од македонско - југословенската граница ситуацијата е стабилна. „Зачестените инциденти и крвавите пресметки говорат дека во внатрешноста на државата има криминални банди кои треба да бидат сериозно предупредување за безбедносите структири на државата“, подвлече Бучковски. Министерот за одбрана претходно ја посети караулата на АРМ на Попова Шапка, како и позициите на теренот, каде што разговараше со војниците и старешнините, на кои им ги честиташе Новогодишните и Божиќните празници. Тој се сретна и со претставници на Иницијативниот одбор за ревитализација на Попова Шапка со кои разговараше за можностите за повторно заживување на овој зимски рекреативен центар. Инаку, на денешната прослава во манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски Чудотворец света архиерејска литургија отслужи митрополитот Полошко - кумановски Господин Кирил. Тој во својата порака посака мирот и благосостојбата да завладеат на целата територија на Република Македонија и да се закопа секирата на омразата. На свеченоста присуствува и претставници на ОБСЕ и на НАТО. Prevzemeno od A1 TV. |