До каде е прагот на македонската издржливост?
Нестор Огинар, Њујорк


Неделниот немил настан во Бунарџик, каде што на Македонија и беше нанесена уште една длабока навреда од оние исти надворешни фактори коишто истакнуваат дека го штитат нејзиниот суверенитет и интегритет, само ја драматизира и продлабочува агонијата во којашто веќе подолго време се наоѓа македонската држава и ја илустрира нејзината немоќ да се носи со перфидната и арогантна политика на големите сили кои во името на мирот, демократијата и човековите права му го негираат најсветото право на еден народ - неговото национално достоинство, изразено преку суверенитетот, интегритетот и идентитетот. За оние што веруваат во универзални, морални и етички норми и критериуми што го отсликуваат ликот на една држава, народ и нација и коишто ниту можат, ниту смеат да бидат компромитирани, ваквите и слични настани само укажуваат на дегенеративниот пад на моралните вредности на македонското општество.

Но, причината и одговорноста за овие состојби во Македонија не можеме да ги бараме само во меѓународната заедница. Таа лежи, пред сў, во македонските политичари и во водечките политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните разновидни коалициски партнери и сателити коишто веќе дванаесет години од осамостојувањето слепо и послушно ги извршуваат барањата, уцените и наредбите на албанското малцинство, на соседните држави и на туѓите интереси. Македонскиот народ е изигран, изманипулиран и релативизиран до тој степен каде што повеќе не може да ја гради својата сопствена иднина преку демократските институции на власта, во коишто по пат на гласање испраќа луѓе што ветуваат едно, а прават сосема спротивно. Би сакал да забележам, во свое лично име, како и во име на огромен број Македонци во прогонот, за коишто ниту власта, ниту меѓународната заедница не дава ни пет пари дека ваквите состојби и настани длабоко ја засегаат нашата лична и национална гордост и претставуваат непростлива и незаслужена неправда.

Дали македонскиот народ смее да го дозволи тоа? Сметам дека не смее никако и никогаш, и дека наскоро ќе покаже доблест што му е својствена само нему.