НАТО се уште нема конкретни податоци за вчерашната несреќа во Кумановско, во која загинаа двајца војници од полскиот контингент, но смета дека таа не била предизвикана од подметната мина. „Тимот за врски на НАТО синоќа настрада во случајна експлозија на патот меѓу селата Сопот и Сушево“, изјави денеска портпаролот на НАТО во Скопје, Крег Ретклиф. Тој додаде дека се работи за рутинска патрола по пат кој често се користел од НАТО, АРМ, МВР, ОБСЕ, ЕУ и локалните жители и дека „не верува дека е намерен чин, туку дека се работи за несреќен случај“. Местото меѓу Сопот и Сушево претходно веќе било расчистено од мини, но според Ретклиф, „да се навести дека операцијата за расчистување на мини е неуспешна, не е точно“. „Постојат уште многу експлозивни направи кои не се обележани на карти. Не верувам дека мината била поставена за било кого“, рече Ретклиф. Според портпаролот на НАТО, честопати се случувало мини да бидат оставани покрај патот од лица кои се надевале дека властите или тимовите за деминирање ќе ги соберат. „Сакаме да веруваме дека некој го направил тоа добронамерно, но сепак истрагата ќе покаже што се случило“, изјави Ретклиф, одбивајќи да шпекулира кој е виновен за загинувањето на двајцата полски војници се додека не заврши паралелната истрага на МВР и на НАТО. |